Оваа година на 25-ти и 26-ти Октомври се одржа 17-иот по ред „Фестивал на костенот“ во Македонски Брод. Фестивалот на костенот е една од активностите од календарот на културни настани преку која го промовираме костенот – симболот на Поречието. Тоа е настан каде младоста и мудроста се прелеваат една во друга преку игра и песна, креативност и пишан збор. Фестивалот на костенот започна со забавна вечерна програма и настап на локални групи и пеачи, а исто така свој настап имаше и Ламбе Алабакоски. Традиционално вториот ден од манифестацијата
започна во Дом на култура – „Македонски Брод“ каде беше отворена изложба „Златен костен 2024“ во која учество зедоа сите ученици од основното училиште, подрачните училишта, детската градинка и средното општинско училиште кое оваа година одржуваше и работилница во Домот на култура со професорот Гоце Милески на тема костен. Изработени беа голем број на изработки од костен, креативноста и умешноста на детските раце беше подигната на највисоко ниво, имаше прекрасни изработки и дел од нив беа наградени. На наше огромно задоволство, годинава со своето присуство овој настан го збогатија голем број на културно-уметнички друштва, пеачки групи, пеачи и оркестри од Македонија кои со свој настап дадоа спектар на убавина за фестивалот да го добие овој облик и за неговата богата содржина. Исто така имаше и учесници кои со своите штандови ја доловија магијата и богатството на поречката еколошки чиста и здрава храна.
Фестивалот заврши, но продолжува есенската магија пропратена со мирисот на костенот! Нова дружба закажуваме за следната година! За проследување на комплетниот тек на настанот следуваат фотографии.